Во Полска свечено е отворен Балтичкиот гасовод

Во Полска свечено беше отворен стратешкиот балтички гасовод преку кој од 1 октомври гасот ќе тече од Норвешка до Полска и соседните земји, соопшти Европската комисија.

Балтичкиот гасовод ќе транспортира до 10 милијарди кубни метри гас годишно од Норвешка до Полска, додека три милијарди кубни метри ќе се транспортираат од Полска до Данска.

„Балтичкиот гасовод е клучен проект за безбедноста на снабдувањето на регионот и е резултат на аспиративната политика на ЕУ за диверзификација на изворите на гас. Гасоводот ќе игра вредна улога во ублажувањето на актуелната енергетска криза“, рече европскиот комесар за енергетика Кадри Симсон. Проектот ја подобрува диверзификацијата на снабдувањето со гас во Централна и Источна Европа и балтичките земји со отворање на нова увозна рута од Северното Море до ЕУ, пишува Комисијата.

Балтичкиот гасовод е проект од заеднички интерес започнат во 2013 година, а во него се инвестирани околу 267 милиони евра од европските фондови преку Инструментите за поврзување на Европа. Во саботата данскиот оператор на балтичкиот гасовод „Енерџинет“ објави дека со полн капацитет ќе биде пуштен во употреба од крајот на ноември годинава, што е нешто повеќе од еден месец порано од планираното.

Проектот наиде на неколку големи предизвици.

„Како и другите, и ние бевме погодени од пандемијата на Ковид-19 и геополитичката ситуација во Европа. Покрај тоа, лошото време влијаеше на градежништвото во одредени периоди“, рече Торбен Брабо, директор за меѓународни односи во Енерџинет.

Делот на Енерџинет од големиот проект се состоеше од 105 километри гасоводи во Северното Море, околу 210 километри гасоводи под земја низ Данска и проширување на приемниот терминал во Нибро и нова компресорска станица во Евердруп.

Во неговата реализација учествуваа „Енерџинет“ и полските гасоводни оператори ГАЗ-СИСТЕМ, а е кофинансиран од фондот „Поврзување на Европа“ (Connecting Europe Facility). Балтичкиот гасовод беше свечено отворен во Голењов, Полска, а на отворањето присуствуваа полскиот и данската премиерка и полскиот претседател.