Во полуфиналето на ФА Купот: Арсенал на Сити, Челзи кај Јунајтед

Фудбалерите на Челзи и Манчестер Сити се пласираа во полуфиналето на англискиот ФА Куп откако во неделата во четвртфиналните дуели извојуваа гостински победи над Лестер и Њукасл.

Лондонските „Сини“ гостинската победа кај третопласираната екипа во англиското првенство ја остварија со погодокот на халфот Рос Баркли во 63 минута.

Бранителот на титулата Манчестер сити во последниот четвртфинален меч поведоа во 37 минута со голот на Кевин де Брујне, а победата ја потврди Рахим Стерлинг во 68 минута.

Претходно во неделата Арсенал со погодокот на Дани Себаљос во првата минута од судиското продолжение на мечот забележа гостинска победа од 2:1 кај Шефилд Јунајтед.

Во саботата во полуфиналето се пласираше Манчестер Јунајтед откако се намачи на гости кај последнипласираниот клуб во првенството Норич, совладувајќи го со 2:1 во продолженијата, и тоа со голот во 118 минута на стиперот Хари Мегваер.

Полуфиналените двојки ги сочинуваат Манчестер Јунајтед – Челзи и Арсенал – Манчестер Сити а дуелите ќе се одиграат на 18-ти и 19-ти јули. Финалниот натпревар е закажан за 1-ви август.

Актуелен победник во најстарото фудбалско натпреварување во светот е тимот на Манчестер Сити. Арсенал, пак, има најмногу трофеи – 13.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.