Во понеделник ќе има редовна настава, просветните работници против штрајкот на СОНК

Училиштата не го поддржуваат штрајкот на Синдикатот на вработените во образованието, науката и културата, што е најавен за в понеделник. Директорите на училишта, градинки и нивните синдикални организации од десетина општини денеска најавија дека настава в понеделник ќе има, ќе се одвива редовно и апелираат до родителите да ги пуштат децата на училиште, пренесува МИА.

Во Прилеп директорите на средните и основните училишта каде учат над 11.500 ученици, на пресконференција денеска соопштија дека не ја поддржуваат одлуката за штрајк и се категорично против штрајкот.

– На денешниот состанок на директорите од средните и основните училишпта донесовме заклучок дека сме пртив штрајкот во училиштата во градот. Ова произлезе затоа што не е ниту хумано, ниту етички учениците кога ќе дојдат на настава да наидат на затворени врати. Педагошки е децата да се образоваат и воспитуваат, а не да ги враќаме од училиште поради некои интереси, изјави Жарко Темелкоски, директор на Средното електромашинско училиште „Ристе Ристески Ричко“ пренесувајќи го ставот на сите директори на средните и основните училишта во Прилеп.

Според директорите, преговорите може да продолжат понатаму со Владата и со другите ресорни министерства. – Меѓутоа тие преговори да одат во насока на подобрување на образовниот процес во училиштата, а не на ваков начин ние да ги казнуваме децата и тие да трпат штети од ова, рече Темелкоски.

Во моментот директорите велат не знаат кои наставници в понеделник би отсуствувале од настава, но дека ќе се постапи според законот. – Оние колеги кои ќе се дрзнат самоволно да не држат настава, директорите ќе постапат согласно законот, односно, ќе се најде замена за нив. Не знаеме кои наставници би отсуствувале, меѓутоа, доколку настане потреба од замена, секако дека ќе се преземат мерки за надоместување на изгубените часови, односно, одржување на воспитно-образовниот процес во училиштата, вели Темелкоски.

Во Велес, исто така, наставата в понеделник ќе се одвива вообичаено. Против штрајкот на СОНК во таа општина се изјаснија директорите и мнозинството членови во синдикалните организации на училиштата „Димитрија Чуповски“ и „Блаже Конески“.

– Нашето училиште наредната недела е во попладневна смена, а наставата си почнува во 13:30 часот. Наставниот процес ќе си тече без никакви пречки, вели директорт на хемиското ССОУ „Димитрија Чуповски“ Горан Јанков.

Во Неготино во името на директорите на двете основни и едно средно училиште во општината и согласно известувањата од страна на претседателите на синдикалните организации од таа општина Весна Јованова директорка во ОУ „Гоце Делчев“ изјави дека наставниците не го поддржуваат генералниот штрајк на СОНК, односно нема да учествуваат во штрајкот со што воспитно образовниот процес непречено ќе се одвива. – Би напоменала дека од наша страна како директори се испочитувани сите одлуки од СОНК и обезбедени се сите услови за непречена реализација на штрајкот, вели Јованова.

Редовно одвивање на наставата во понедленик ќе има и во Пробиштип. Радослав Илиевски, раководител на одделението за јавни дејности на општина Пробиштип информира дека во понеделник општинските училишта и детската градинка ќе работат редовно односно нема најава од страна ниту на училиштата ниту од детската градинка за учество во штрајк.

– Сакаме да соопштиме на сите родители да немаат дилема дали ќе има штрајк или нема да има штрајк во општина Пробиштип во општинските училишта и детската градинка. На 29 септември училиштата и детската градинка ќе си работат со сите свои редовни активности, рече Илиевски.

Со слични информации излегоа и директори на училишта во општините Битола, Гевгелија, Радовиш, Кавадарци и во Кочани.

Во меѓувреме, Министерството за образование и наука (МОН) го повика СОНК утре на средба за надминување на несогласувањата во пресрет на најавениот штрајк на оваа синдикална организација.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.