Во преговорите со Лондон, Брисел ги внесува скултурите од атински Акропол

Долгогодишниот спор меѓу Велика Британија и Грција околу древните уметнички дела од атински Акропол се најдоа во нацртот за преговарачките позиции на Европската унија во кој е вброено и барањето за враќање на „украдените артефакти“.

Славниот Британски музеј (British Museum) во Лондон одби да ги врати 2.500 години старите мермерни скулптури од храмот Партенон кој британскиот дипломат во тогашен Истанбул, лордот Елгин, ги однел од Атина на почетокот од XIX век, кога Грција била во Отоманското царство.

Во нацртот за преговарачките позиции на ЕУ за идните односи со Обединетото Кралство, а кој на увид го имала агенцијата Reuters, се бара „враќање или отштета на земјата на потеклото за нејзините отстранети уметнички дела“. Во документот не се наведуваат конкретни уметнички дела, меѓутоа дипломат од Унијата рекол дека тоа барање е вметнато на барање на Грција и со поддршка на Италија.

Грчкото министерство за култура во јануари соопшти дека Атина ќе ја засили кампањата за враќање на скулптурите од Партенон, и оти очекува дека ќе има поддршка од сојузниците во ЕУ. Засега нема коментари од кабинетот на британскиот премиер Борис Џонсон кој го водеше конечното излегување од Унијата на 31-ви јануари, повеќе од три и пол години откако Британците на референдум се изјаснија за раздружување од Брисел.

Реториката меѓу Лондон и Брисел за условите за идните односи се заостри од почетокот на февруари, пред преговорите кои треба да започнат на почетокот од март.

Музејот Британија наведува дека скулптурите, речиси половина од 160 метри долгиот фриз кој го красел храмот Партентот од V век пне, Елгин ги набавил легално, со договор со Османлиското царство. Атина, пак, тврди дека скултурите се украдени, бидејќи договорот бил склучен со тогашниот окупатор на Грција.

Извор од ЕУ, кој барал да остане анонимен, рекол дека делот за враќањето на уметничките дела е вметнат во нацртот минатата седмица. Додал дека таа иницијатива ја поддржуваат Кипар и Шпанија, како и дека покрај скулптурите од Пантенон, членките на Унијата се загрижени и поради трговијата со уметнички дела преку лондонските аукциски куќи, кои се инаку водечки во светот.