Во Прилеп ќе се контролира влезот на возила, како превенција од корона вирусот

Од денеска до понеделник, сообраќајната полиција од Прилеп ќе ги контролира влезовите и протокот на патници во градот од општините Кривогаштани, Долнени, особено од општината Пласница како превенција од зараза со коронавирусот.

Ова е еден од главните заклучоци по синоќешниот превентивен состанок на Регионалниот кризен штаб што се одржа во Прилеп на барање на раководителот на Центарот за управување со кризи од Прилеп, а на препорака на Републичкиот центар за да се има увид на состојбите пред понеделничниот состанок на Советот за безбедност што го свика претседателот на државава Стево Пендаровски.

По информацијата од Центарот за јавно здравје дека во општина Пласница, која е под ингеренции на прилепскиот Центар, имало дојдени жители од високоризичните земји, упатен е апел да бидат во самоизолација и да се јават во Центарот.

На состанокот беше заклучено дека во градот до овој момент нема заразени со корона вирусот, но се преземаат сите превентивни мерки.