Во Прилеп одбележан споменот на големиот православен светител Свети Наум Охридски Чудотворец

Со прережување на славскиот колач и мал водосвет, кој се изведе пред црквата посветена на Свети Наум, која сеуште се гради, денеска во Прилеп беше одбележан споменот за еден од најголемите македонски и сеправославни светители.

prile 01

„Денеска Светата православна црква, во чиј состав е и Македонската православна црква, го празнува споменот за светиот наш отец Св. Наум Охридски Чудотворец, еден од најголемите чудотворци светители во МПЦ. По тој повод неколку години наназад се собираме на ова свето место да оддадеме почит на нашиот светител. Во оваа прилика осветивме вода, го прережавме колачот и на некој мал достоен начин се потрудивме да му удостоиме на светителот кој многу дал за нашиот македонски народ“, рече Протоереј – Ставрофор, Благоја Станкоски, архиерејски намесник.

Инаку ова е четвртта црква во Прилеп која се гради за само неколку години. Претходно се изградија црквите Света Петка во населбата Точила, Свети Константин и Елена кај Типските куќи и Свети Пантелејмон која се изгради во кругот на општата болница.

prilep 02

„Денеска е голем ден за православните христијани во Македонија бидејќи се празнува еден од најголемите светители кои воопшто се родиле на ова тло, тоа е Свети Наум. Во чест на овој голем светител за прв пат во Прилеп се гради храм посветен на него. Во оваа прилика им го честитам овој ден на сите православни христијани, им посакувам да имаат многу здравје, радост и успех, а на оние кои го носат името на ово голем светител да им е честит именденот. Сакам да истакнам и тоа дека ова е четврт православен храм кој се гради на територија на град Прилеп, покрај црквите Св. Петка, Св. Константин и Елена и Св. Пантелејмон. Изградбата на црквата веќе е при крај и за брзо време очекуваме и нејзино осветување, со што Прилеп ќе добие уште еден православен храм кој многу ќе значи за сите прилепчани, а особено за жители на населбите ‘Корзо’, ‘Чачорица’ и ‘Тапани’“, рече Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Од иницијативниот одбор за изградба на црквата Свети Наум Охридски Чудотворец истакнаа дека израдбата на црквата треба да заврши за брзо време и упатија честитки до сите православни верници кои го празнуваат денешниот ден.

 

„Во име на иницијативниот одбор за изградба на црквата Св. Наум Охридски Чудотворец на сите православни христијани им го честитам овој голем празник. Денеска верниците го чествуваат, се сеќаваат и си спомнуваат за овој голем македонски и сесловенски светител. За брзо време се очекува оваа црква да биде комплетно завршена и се надевам дека ќе биде осветена, со што Прилеп ќе добие уште еден црковен храм во кој што верниците од овој дел на градот ќе можат да ги извршуваат своите верски обреди. Со ова завршува периодот каде под лидерство на градоначалникот на Општина Прилеп, Марјан Ристески и на Преспанско-пелагониската Епархија во изминативе десет години во Прилеп се изградија четири велелепни црковни храмови. Сакам уште да се заблагодарам на сите кои морално, материјално и финансиски ја поддржаа изградбата на црквата и тука би упатил најдиректна благодарност до градоначалникот на Општина Прилеп за неговата континуирана, секојдневна и несебична поддршка за изградбата и на овој храм. Им го честитам именденот на сите кои го носат името на овој голем светец и нека им е честита и куќната слава на сите кои што го празнуваат овој светител како свој заштитник“, рече Бошко Талески, член на иницијативен одбор за изградба на црквата Св. Наум Охридски Чудотворец.