Во Приштина се одржа втората Парада на гордоста

Активисти и поддржувачи на ЛГБТ заедницата во Косово вчера се собраа во центарот на Приштина на втората Парада на гордоста, која се одржа под слоганот – „Во име на слободата“.

На стотиците граѓани им се приклучија и градоначалникот на Приштина, Шпенд Ахмети и министерот за евроинтеграции, Дурата Хоџа. Косовскиот претседател, Хашим Тачи се обрати на учесниците на присутните на почетокот од собирот.

Парадата, кој се одвиваше под засилено полициско присуство, започна од Плоштадот Скендербег, а граѓаните маршираа околу 500 метри до Плоштадот Захир Пајазити.

Организаторите на маршот ги повикаа политичарите и граѓанското општество да ја поддржат слободата на изразувањето на ЛГБТ заедницата, нивните права на различна сексуална ориентација и безбедноста.

Косово во 2004 година изгласа закон за антидискриминација, со кој се гарантираат правата на сексуалните малцинства. Сепак, активистите велат дека припадниците на ЛГБТ заедницата и понатаму се соочуваат со раширена дискриминација во земјата со 1,9 милиони жители, во која поголемиот дел од општеството е конзервативно.

Блерт Морина, трансродов маж од Косово, за Радио Слободна Европа вели дека заканите со кои се соочува неговата заедница принудиле голем број од нив да се иселат надвор од земјата. Тој додал и дека косовската полиција несоодветно се справува со пријавените случаи на физичко насилство врз трансродовите лица.

Немаме точни бројки, но како мала заедница можеме да забележиме кои се луѓето кои недостасуваат“, вели Морина.

Првата однапред најавена ЛГБТ парада беше оддржана во октомври минатата година без никаков позначаен инцидент.