Во притвор 24-годишен кумановец дилер на дрога

Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка за 24-годишен кумановец поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

-Осомничениот во текот на јануари, неовластено заради продажба држел наркотична дрога и психотропни супстанции.  При извршен претрес на дом и други простории од страна на полициски службеници при СВР Куманово,  биле пронајдени и со потврда одземени вкупно 2638,13 грама марихуана, 0,14 грама хашиш,  1,40 грама амфетамин и една дигитална вага. Осомничениот дрогата ја сокрил во повеќе паковки во куќа во која престојувал и во куќа сопственост на неговиот дедо, информираат од Јавното обвинителство.

Јавниот обвинител до судија на претходна постапка во Основниот суд Куманово заедно со донесената наредба за спроведување истражна постапка доставил и предлог за определување мерка притвор на осомничениот, бидејќи постојат основи дека осомничениот ќе се даде во бегство и дека ќе го повтори кривичното дело. Судот донесе решение со кое ја определи предложената мерка, во траење од 30 дена.