Во притвор 50 лица за нападот во Истанбул

Турската полиција уапси неколку осомничени во врска со бомбашкиот напад во Истанбул во кој загинаа шест лица, а неколку десетици беа ранети, со што бројот на приведени се искачи на 50, соопшти денеска турскиот министер за правда Бекир Боздаг, без да даде други детали.

Државната агенција Анадолија објави дека полицијата привела двајца браќа идентификувани како Амар Ј. и Ахмед Ј. Агенцијата посочи дека Амар Ј. наводно имал задача да и помогне на Ахлам Албашир, уапсената Сиријка осомничена за поставување на бомбата, да избега од Истанбул во соседна Грција по нападот, додека Ахмед Ј. наводно го возел другиот првоосомничен кој се уште е на слобода, во провинцијата Едрене во близина на границата со Бугарија.

Турските власти за нападот ја обвинија забранетата Курдска работничка партија (ПКК), како и групите на сириските Курди, кои тоа го негираа.