Во продажба билетите за хит комедијата „ЃУРОЛОГИЈА“ на Бранко Ѓуриќ- Ѓуро во Скопје

Познатиот босанскохереговски актер Бранко Ѓуриќ- Ѓуро, доаѓа во Скопје со хит комедијата „Ѓурологија“ на 13-ти октомври од 20 часот во Домот на АРМ.

Со својот препознатлив босански шарм и долгогодишното актерско искуство, што особено се отсликува во неговите култни проекти „Топ листа надреалистa“ и „Аудиција“, Бранко Ѓуриќ Ѓуро преку „Ѓурологија“ навистина го дава најдоброто од себе.

Еден вид (анти)стенд ап шоу „Ѓурологија“, како што сака да го нарече самиот Ѓуро, е всушност збирка од неговите интимни размислувања и погледи на животот, кои ги раскажува на искрен и урнебесен начин, одржувајќи ја публиката воодушевена, и речиси со непрекинато смеење. Харизматичниот сараевчанец со холивудска и интернационална кариера како актер, режисер, кантавтор и рок музичар, во претставата ги обединува сите негови уметнички улоги и на публиката и претставува неспоредливо шоу од 90 минути.

Претставата веќе неколку години руши рекорди на гледаност во светот на театарот и стенд ап комедијата на нашите простори. Одиграна е повеќе од 450 пати и ја виделе преку 350.000 посетители, и сè уште продолжува да ја воодушевува публиката и да ги полни салите низ целиот регион. Затоа не пропуштајте уште еден незаборавен настап на Бранко Ѓуриќ Ѓуро со почеток во 20 часот.

Билетите се веќе пуштени во онлајн продажба, достапни преку https://www.karti.com.mk.