Во продажба влезниците за новата концертна сезона на Филхармонијата

Филхармонијата денеска ќе ги пушти во продажба влезниците за свеченото отворање на концертната сезона 2019/2020, која годинава има слоган „Моја бесмртна љубов“ и е во знакот на светското одбележување 250 години од раѓањето на Лудвиг ван Бетовен.

Концертот за отворање на сезоната е на 26 септември во 20 часот, кога на сцената на Филхармонијата ќе настапат Александар Мелников од Русија, еден од најдобрите современи пијанисти, и славниот диригент Антони Вит од Полска.

Концертот е насловен „Моќта на Заратустра“, а на програмата се две грандиозни дела: Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Лудвиг ван Бетовен и „Така зборуваше Заратустра“ од Рихард Штраус.

Филхармонијата соопшти дека како и во минатите години нуди промотивна сезонска блок-влезница во која влегуваат сите концерти кои се дел од програмата, во периодот септември 2019 до јуни 2020, вклучувајќи и неколку ексклузивни концерти.

– Доколку влезниците се купуваат индивидуално, цената за сите концерти изнесува 13.000 денари. Доколку се резервира годишна блок-влезница до 15 септември, обезбедувате промотивен попуст од 30 отсто и цената е  9.000 денари. Цената на билетите во редовна продажба, пак, по 15 септември ќе изнесува 10.000 денари, соопшти Филхармонијата.

Билетарницата на Филхармонија работи секој ден од 10 до 20 часот, како и во сабота од 10 до 14 часот.