Во протестите во Иран 12 мртви, Израел ги поттикнува но негира дека е вмешан

Во текот на новогодишната ноќ во Иран во противладините протести загинале десет лица со што вкупно бројката смртно настрадани во петдневните протести се искачи на 12, а истовремено во понеделникот израелскиот министер за разузнавачки прашање ги охрабруваше демонстрантите но додаде дека Израел ја задржува политиката на немешање во иранските внатрешни прашања.

„Во настаните изминатата ноќ, за жал, вкупно десет лица се убиени во неколку градови“, објави иранската државна телевизија прикажувајќи снимки од протестите во неколку градови.

Протестите иницирани од економската состојба во земјата и невработеноста започнаа во четвртокот и продолжуваат и покрај повиците на претседателот Хасан Роухани до Иранците дека имаат право да протестираат но дека тоа треба да го прават без насилства и уништувања. Во обраќањето од неделата покажа разбирање за пораките на демонстрантите поради економската ситуација во Иран, кои ја обвинуваат елитата за корупција и недоволна транспарентност, но застана во одбрана на властите.

Иранскиот челник рече дека граѓаните се „апсолутно слободни да ја критикуваат власта или да протестираат… на начин кој ќе доведе до подобрување на условите во земјата“, но предупреди против насилните дела.

И покрај неговите пораки, протестите продолжија и во текот на новогодишната ноќи полицијата користела солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите од техеранскиот плоштад Енгхелеб. Според дописниците на странските медиуми дел од демонстрантите прибегнале кон насилство палејќи автомобили и предизвикувајќи штети.

Медиумите известуваат и за протести и во градовите Керманшах о Хорамабад на западот од земјата, и во Шахиншар на северозападот, како и во Занџан на северот од земјата. Според непотврдени информации од социјалните мрежи уапсени се меѓу 100 и 800 лица. Протестите избувнаа во четвртокот во вториот по голема ирански град Машхад.

Иранските функционери би требало да се сретнат во текот на понеделникот на итен состанок на кој ќе ја разгледаат безбедносната состојба во земјата.

Израел, како и САД, изрази поддршка за иранските демонстранти, но негира дека стои зад нив.

„Можам само да му посакам успех на иранскиот народ во борбата за слобода и демократија. Доколку народот успее во остварувањето на слободата и демократијата, многу закани за Израел и за целиот регион ќе исчезнат“, изјави израелскиот министер за разузнавачки прашања Израел Кац во интервју за военото радио.

Израел со години изразува голем стравување поради нуклеарното и ракетно напредување на доминантно шиитскиот Иран и неговата поддршка на либанското шиитеско движење Хезболах и на Палестинците, што е став што го делат и сунитските арапски ривали на Блискиот исток.

Запрашан зошто израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не го следи американскиот претседател Доналд Трамп во давањето поотворено поддршка на демонстрантите, Кац рече дека „Израел не сака да се меша во ова внатрешно прашање“.

Остриот став на Трамп кон Иран кој вклучува и закани со американски санкции ги разби илузиите на иранската влада за економски благодат, оценува израелскиот министер.

Во неделата ирански функционер обвини „странски агенти“ за судирите во коишто две лица ги загубија животите.

Кац ги отфрли таквите алузии како „стандардна реторика на режимот кој се занимава со пропаганда и лаги“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.