Во првиот квартал ОНЕ со приход од 17,5 милиони евра

Телекомуникацискиот оператор ОНЕ во Македонија и Диги Плус Мултимедиа продолжуваат со позитивниот тренд и остварија приходи од 17,5 милиони евра за периодот од јануари до март 2014, но заради намалувањето на интерконекциската цена која се случи во ноември 2013 година бележат пад од 7 отсто. EBITDA за периодот изнесува 2,1 милиони евра, додека Оперативната добивка изнесува -1 милиони евра, или пад од 900 илјади евра во однос на истиот период од минатата година, но на минатогодишниот резултат позитивно влијаеше надоместокот од одредени побарувања кон поранешниот сопственик на компанијата. Со елиминација на тие еднократни ефекти, ОНЕ бележи значаен пораст.

Бројот на фиксните широко-појасни интернет претплатници на ОНЕ на крајот од Март 2014 е на исто ниво како и крајот на минатата година, и изнесуваа околу 40 илјади претплатници, додека приклучоците во мобилна телефонија се зголемија за 1 отсто и изнесуваат 533 илјади. ОНЕ инвестираше 1,5 милиони евра во Македонија во првиот квартал од 2014 година со што се продолжува со понатамошна модернизација на мрежната инфраструктура и во овозможување на нови современи услуги на своите корисници.

Од друга страна пак, Телеком Словенија групацијата, во првите четири месеци остварила приход од 193,9 милиони евра, што е зголемување за 2 отсто во споредба со истиот период од 2013 година.

Добивката од работењето во првите три месеци изнесуваше 19.1 милиони евра, EBITDA достигна 57.7 милиони евра или 29,9 отсто од нето приходот од продажба. Во споредба со истиот период минатата година, Телеком Словенија Групацијата забележа пораст во бројот на ТВ приклучоци, мобилни корисници како и фиксни широко-појасни приклучоци.

„Постигнатите резултати во првиот квартал од оваа година се повисоки од планираните и ние сме убедени дека ќе ги оствариме поставените цели. Со успешноста во работењето значајно придонесуваме во подобрување на вредноста на друштвото за сопствениците”, вели Рудолф Скобе, Претседател на Управниот одбор на Телеком Словенија.

За 2014 година, Телеком Словенија Групацијата планира нето добивка од 63 милиони евра, EBITDA до 212 милиони евра и CAPEX до 137 милиони евра.