Во Романија рекордни 1.030 зарази со коронавирусот во еден ден

Романија во последните 24 часа регистрирала рекордни 1.030 нови зарази со коронавирусот, објави во средата владата откако Светската здравствена организација (СЗО – WHO) предупреди на загрижувачки раст на случаите во јужна Европа и на Балканот.

Романија досега забележала вкупно 40.613 случаи на зараза со коронавирусот, од кои 2.101 смртен исход од почетокот на епидемијата во земјата кон крајот на февраури.

Владата ја продолжи посебната состојба на приправност, којашто е на сила од 15-ти мај до средината на август.

Зголемувањето на бројот на заразите во Романија во јули делумно се припишува и на законодавен пропуст кој овозможи илјадници заразени да излезат од болниците. Уставниот суд на почетокот од месецов пресуди дека владата не може да хоспитализира или изолира луѓе според декрет, туку само според закон кој ќе го одобри парламентот. Тој закон дури овој вторник стапи на сила.

Министерот за здравство Нелу Татару завчера предупреди дека ситуацијата ескалирала и најави дека владата би можела да стави во карантин одредени подрачја од земјата.

„Иако болеста во западна Европа е ставена под контрола, гледаме загрижувачки трендови на југот на Европа и на Балканот, така што опасноста сѐ уште не исчезна од европското опкружување. Потребен е системски надзор“, изјави експертот на СЗО, Мајк Рајан.