Војната во Украина резултирала со претоварување на значително поголеми количества течен природен гас (LNG) и јаглен во пристаништето во холандски Ротердам, со чувствително помал удел на испораките од Русија во вториот годинешен квартал, покажаа во петокот податоците што ги објави управата на најголемото пристаниште во Европа.
Вкупно прометот во ротердамското пристаниште пораснал на годишно ниво за помалку од 1 отсто, поради 8,9-процентниот пад на контејнерскиот транспорт кој бил противтежа на поголемиот обем претоварени сировини. Контејнерскиот транспорт силно паднал поради тесните грла во логистиката ширум светот и запирањето на транспортите со Русија.
„Увозот на течниот природен гас и на јагленот остро порасна како алтернатива за намалениот европски увоз на рускиот гас преку гасоводите“, се наведува во објавата на управата на пристаништето Ротердам која ја цитира агенцијата Reuters.
Во првите шест месеци од годинава во ова пристаниште претоварени се 14,6 милиони тони јаглен, за 30 отсто повеќе отколку во истиот период една година порано, како и 5,4 милиони тони течен гас или за 46 отсто повеќе отколку во првата половина од минатата 20211 година.
Пред почетокот на војната во Украина трговијата со Русија сочинувала околу 13 отсто од транспортот преку пристаништето во Ротердам. До крајот на февруари, од Русија пристигнувале 30 отсто сирова нафта и по 25 отсто јаглен и течен гас.
Пристанишната управа објави графикон без точни проценти кој покажува дека увозот на руските јаглен во јуни бил сведен речиси на нула, а остро паднал и увозот на рускиот LNG. Увозот на руската нафта, пак, постепено се намалувал од март и се чини дека руските барели во јуни сочинувале четвртина од вкупниот увоз преку пристаништето Ротердам. Според последниот шести пакет на антируските санкции на Европската унија, увозот на руската сирова нафта би требало да биде забранет целосно до крајот на годинава.
„Достапноста на енергијата и сировините по разумни цени не може да биде земено само туку-така. Европа наголемо се потпира на руската енергија, а во актуелната геополитичка ситуација е многу ранлива“, истакнува во писмена изјава извршниот директор на пристаништето Ротердам, Алард Кастелејн.
Инаку, приходот на пристаништето, коешто е во сопствено на градот Ротердам и на владата на Холандија, пораснале за 6,3 отсто, на 412 милиони евра.