Во Русија првпат помалку од 10.000 новозаразени од коронавирусот по две седмици

Руските здравствени власти во четвртокот известија за 9.974 потврдени случаи на зараза со коронавирусот во последните 24 часа, со што вкупниот број на заразените од почетокот на епидемијата во Русија се зголеми на 252.245 лица.

Ова е првпат по 2-ри мај во Русија да се потврдени помалку од десет илјади случа на зараза во едно деноноќие. Со тоа деноноќниот раст на случаите се симнал од 4,3 на рекордно ниските 4,1 отсто. Дури 4.049 лица или 40,6 отсто од новозаразените биле без симптоми на заболувањето.

Оперативниот штаб за борба против ширењето на коронавирусот, исто така, соопшти дека во текот на изминатите 24 часа починале 93 пациенти. Со тоа вкупната бројка починати во Русија од Covid-19 се зголеми на 2.305 луѓе, од 252.245 заразени, а во четвртокот е објавно дека досега заздравеле 53.530 пациенти од кои 5.527 во изминатото деноноќие.

Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот го укина карантинот за целата земја поради епидемијата од новиот коронавирус, и покрај растот на бројот на заразените. Потпирајќи се на податоците од здравствените власти, рече дека брзиот раст на бројот на заразените се должи главно на поголемата стапка на тестирање на населението.

Меѓутоа, на регионалните челници им овозможи самите да одлучат дали ќе ги продолжат карантинските мерки во зависност од епидемиолошката ситуација во нивните региони.

Руската престолнина Москва и околниот Подмосковски регион, каде што се регистрирани речиси половината од сите случаи во земјата, и натаму остануваат во карантон до крајот на мај. Московскиот градоначалник Сергеј Собајнин минатата седмица предупреди дека вистинскиот број заразени во градот можеби е и трипати поголем.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во вторникот за медиумите потврди дека е позитивен на коронавирусот и оти се лекува во болница поради природата на инфекцијата кај него, која ги зафатила двете белодробни крила. Додаде дека со претседателот Путин последен пат во живо се видел пред речиси еден месец.

Песков е последниот во низата високи руски функционери кои се заразија со новиот коронавирус. Преднего се заразија премиерот Михаил Мишустин, како и министрите за култура и за градежништво, Олга Љубимова и Владимир Јакушев.