Во САД митинзи за отстранување на Трамп од власт

Илјадници демонстранти синоќа излегоа по улиците на големите американски градови како Њујорк, Бостон или Њу Орлеанс, со повик претседателот Доналд Трамп да ја напушти власта, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Организирани од десетици либерални организации кои на околу 600 митинзи низ цела Америка дадоа поддршка за отповикувањето на Трамп од страна на Претставничкиот дом, протестите се случуваат во пресрет на гласањето за импичмент во Конгресот закажано за денеска.

Во Филаделфија, група на демонастранти носеа неонски транспаренти со крупни светлечки букви „Импич“, во основа на бронзена статуа наречена „Власт на народот“.

На Тајмс сквер во Њујорк синоќа излегоа илјадници протестанти скандирајќи „никој не е над законот“.

Во Шарлот, Северна Каролина, група од протестанти наполнија централен парк и некои од нив го повикаа сенаторот Ричард Бур, републиканец, да гласа за осуда на Трамп на судењето за отповикување од власт, кое следува по денешното гласање во Претставничкиот дом.

Гласањето за отстранување на Трамп од власт следува по повеќемесечната истрага на демократите која резултираше со подигнување обвиненија и осуда по два предмета – за злоупотреба на надлежностите и за попречување на работата на Конгресот.

Според демократите, злоупотребата се случила откако Трамп летоска побарал од украинскиот претседател Володомир Зеленски да спроведе истрага за негов политички ривал, поранешниот потпретседател Џо Бајден, еден од можните противкандидати на претседателските избори во 2020 година. Попречувањето на работата на Конгресот се состои во опструкција на истрагата што конгресмените ја спроведуваа за овој случај.

Некои од протестанти кои повикуваат Трамп да замине од власт се мотивирани од неговото непочитување на Парискиот договорот за климатски промени и отфрлање на повеќе регулативи за заштита на околината и развој на обновлива енергија донесени од претходникот Барак Обама.

Во писмо испратено синоќа до Ненси Пелоси, спикер на Претставничкиот дом, Трамп ги обвини демократите за „незаконски и партиски обид за пуч“ кои објавиле „отворена војна“ на американската демократија.