Во САД предадено првото барање за одобрување вакцина против Covid-19

Десет месеци откако беше секвенциониран новиот коронавирус SARS-CoV-2, американската фармацевтска компанија „Pfizer“ и нејзината партнерска германска биотехнолошка компанија „BioNTech“, побараа во петокот од американската Агенција за храна и лекови (FDA) да ја одобри нивната вакцина за респираторната болест Covid-19, со што станаа првите произведувачи во САД и во западна Европа кои го сторија тоа, откако во средината на август московскиот институт „Гамалеј“ го доби таквото одобрување од рускиот регулатор за неговата вакцина „Спутник V“.

Барањето беше најавено пред неколку дена, откако „Pfizer“ и „BioNTech“ на почетокот од седмицата, истовремено кога и американската компанија „Moderna“, објавија дека резултатите од клиничкото испитување кое во јули се спроведувало врз 44.000 испитаници во повеќе земји, покажале 95-процентна ефикасност во превенирањето на Covid-19 и оти немало потешки нуспојави.

Од „Pfizer“ потврдиле за агенцијата France Press (AFP) дека во петокот официјално го предале барањето во FDA.

Според најавите на политичките челници, САД и Европската унија би можеле да ја одобрат вакцината уште во декември. Американската FDA во првата половина од следниот месец, а Европската агенција за лекови (ЕМА) во втората половина, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп од претходно најави дека планира уште во декември да вакцинира околу 20 милиони лица, во прв ред здравствени работници и од другите ризични групи, а потоа по 25 до 30 милиони секој нареден месец.

Стручњаците предупредуваат дека ваквата брзина со којашто во светот се објавуваат готови препарати како вакцини против новиот сој коронавирус, досега не е видена во историјата на производството на вакцини, за што досега беше стандарно потребно најмалку меѓу 14 и 18 месеци, а потоа и да се тестира иодобри. Во САД, на пример, во последната деценија во просек биле потребни дури осум години работа за да се дојде до одобрување на вакцината.

Експертите на американската и на европската регулаторна агенција, сега треба да проверат дали вакцината е безбедна и ефикасна, како што се тврди со приложените резултати. Во почетокот, FDA и EMA ќе издадат условено одобрување поради епидемиолошката ситауција и се претпоставува дека сигруно ќе биде ограничено на некои групи. Децата во почетокот нема да спаѓаат во овие групи.

Од FDA се обврзаа дека тоа ќе го сторат транспарентно, свесни дека многу Американци немаат доверба воопшто во вакцините, и особено во оваа за коронавирусот која е брзо направена. Истражувањето на институтот Gallup спроведено во октомври, покажало дека дури 42 отсто Американци рекле дека нема да се вакцинираат.