Во Соединетите Американски Држави за првпат се спроведува акција за уништување на комарците преносители на вирусот зика, соопштија властите во Флорида.
Опасните инсекти се откриени во Мајами, на југоистокот од сојузната држава, каде што претходно веќе беа регистрирани десетици заразени.
„Тоа сознание е разочарувачко, но и не не изненадува“, се вели во соопштението.
Првите случаи на појава на вирусот во Мајами се регистрирани во средината на минатиот месец. До моментов нивниот број изнесува 49 инфицирани. Други 656 лица, пак, се заразиле надвор од Флорида.
Помеѓу заразените со зика во Флорида се и 80 бремени жени.
Вирусот е опасен само за бремените, бидејќи може да причини деформација кај плодот, позната како микроцефалија.