Во самоубиствен напад во Пакистан тројца мртви и 28 ранети

Во самоубиствен бомбашки напад врз полициска патрола во пакистанскиот југозападен град Квета убиени се три лица и ранети се уште 28 луѓе, соопшти тамошната полиција.

Експлозијата, за којашто одговорноста ја презема пакистанската талибанска милитантна групација Тахрик-е-Талибан Пакистан (TTP) во текстуална порака за агенцијата Reuters, се случи откако групата претходно седмицата објави дека го прекинува примирјето со владата во Исламабад.

„Експлозијата на бомба чијашто цел беше полициска патрола, рани повеќе од 30 луѓе, меѓу кои 15 полицајци. Загинаа еден полицаец, жена и дете“, изјавил за Reuters претставник на полицијата Абдул Хач.

Полициската патрола била ангажирана како заштита на медицинска екипа која спроведувала вакцинација против детска парализа, кога се случил самоубиствениот напад, додал Хач.

Исламистичките милитанти често ги напаѓаат медицинските работници кои спроведуваат вакцинација против детската парализа, убедени дека имунизацијата е изговор на Западот за уништување на муслиманите.

Квета е главен град на пакистанската покраина Балочистан, којашто граничи со Авганистан и Иран, каде што дејствуваат и исламистичките и сепаратистички бунтовници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.