Во Шангај отворен мост изграден со технологија на 3Д печатење

Во Шангај е отворен најдолгиот бетонски пешачки мост на светот кој со технологијата на 3Д печатење го изработил тим експерти од Универзитетот за архитектура Циг Хуа во Пекинг.

Мостот е долг 26,3 метри, а широк е 3,6 метри. Новиот мост е изграден во шангајскиот кварт Баошан, а во неговото градење се користени модерни градежни техники. Го проектирал професорот Су Веи Гуо од универзитетот Циг Хуа, а изграден е од 44 бетонски компоненти кои се изработени со 3Д технологија, додека оградата е поделена во 68 единици.

Бетонските компоненти се печатени со помош на две „роботски раце“, а за нивната изработка биле потребни 450 часови. Според процените на стручњаците, во споредба со конвенционалниот процес на градење, заштедени се 33 отсто од предвидените пари.

Пред почетокот на градењето на мостот, експертите направиле помал модел преку кој го тестирале целиот проект. Целта на тестирањата била да се докаже дека мостот може да ги издржи пешаците кои по него минуваат и кои се задржуваат на целокупната површина. Во мостот е вграден и систем за следење во реално врме којшто ги надгледува евентуалните деформации и поместувања.

За разлика од традиционалните мостови, во овој не е вграден армиран бетон. Изграден е од материјали кои може да издржат силно сонце и силни дождови доволно долго за да ги исполнат националните градежни стандарди.

Шефот на архитектонскиот тим појаснил дека сложените закривени површини од мостот може да се постигнат исклучиво со користење на технологијата на 3Д печатење. Инаку, првиот бетонски мост изграден со оваа технологија беше пуштен во употреба во октомври 2017 година во Холандија.