Во Саудиска Арабија на аџилак ќе има само 1.000 верници

Министерот за хаџ Мохамед Бентен кажа дека аџиите ќе се бираат по најстроги здравствени критериуми. На постарите од 65 години им е забрането учеството оваа година.

Околу 2,5 милиони муслимани годишно ги посетуваат светите места Мека и Медина во неделата на хаџот. Годинешниот аџилак би требало да почне на крајот на јули, а него секој муслиман би требало да го направи барем еднаш во животот.

„Кралството Саудиска Арабија сака на сите муслимани од сите националности да им го дозволи доаѓањето на хаџ, но глобалните здравствени околности нѐ натераа годинава да направиме исклучок“, изјави Бентен.

Повеќето муслимански земји одлуката на Ријад за ограничување на бројот на верниците ја сметаат за мудра и истакнуваат дека заштитата на човечките животи е приоритет на исламот.

Во Саудиска Арабија повеќе од 161.000 луѓе се заразени со ковид-19, а досега умреа над 1.300. Во последните две недели се бележи пораст на бројот на заразените.