Во СДСМ ја прифатија оставката на Заев, Ковачевски „бил спомнат“

На 12-ри декември ќе се одржат внатрепартиски избори по кои ќе биде познат наследникот на челникот на владејачката СДСМ, Зоран Заев, информираше доцна ноќта во петокот партиската портпаролка Боганка Кузеска, но тој ќе остане активен во политиката.

Постапката за избор на нов лидер на СДСМ ќе започне веќе во сабота, кога кандидатите ќе може да ги доставуваат кандидатурите, согласно критериумите.

Кузеска на прес-конференцијата по завршувањето на седниците на Централниот  и Извршниот одбор на партија рече дека Заев ги информирал сопартијците дека „парламентарното мнозинство е стабилно и дека во наредниот период тоа ќе расте“.  Информирал и дека има простор за Алтернатива, за што ќе продолжат преговорите.

„Вечерва на седниците на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ беа донесени важни одлуки за државата. Со една минута молк беше оддадена почит на жртвите од Бугарија. Централниот одбор оцени дека државата со полн капацитет се справува со предизвиците од енергетската и ковид кризата. Државниот буџет е ликвиден и има средства да се помогне енергетската криза и ценовните шокови. Во однос на пандемијата, фокус на надлежните институции да превземат чекор и што повеќе граѓани да поттикнат да се вакцинираат. Буџетот овозможува економски раст и очекуваме да биде донесен од собраниет без опструкции. Претседателот Заев информираше дека парлементарното мнозинство е стабилно и изнесува 61 пратеник и очекува зголемување. Тоа е важно за европскиот курс на државата и предизвиците“, рече Кузеска по завршување на Централниот и Извршниот одбор на партијата.

Димитар Ковачевски бил споменат, но биле споменати и други имиња, рече Кузевска без директно да одговори на новинарско прашање дали Заев ја поддржал кандидатурата на Ковачевски.