Во септември воени маневри на Русија и на уште седум држави со 130.000 војници

Речиси 130.000 војници, повеќе од 20.000 оружени системи и околу 600 авиони од седум држави ќе учествуваат во стратешката командна и воена вежба „Центар-2019“, што ќе се одржи во Русија од 16 до 21 септември, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.

„Во вежбата ќе бидат вклучени 128.000 војници, повеќе од 20.000 оружја и тешко вооружување, околу 600 авиони и околу 15 воени бродови и бродови за поддршка“, се вели во соопштението.

Вежбите ќе се одржат на осум терени за обука низ цела Русија.

„За време на маневрите ќе бидат преземени мерки за распоредување војници од коалицијата што се бори против меѓународниот тероризам и обезбедување воена сигурност во стратешката област на Централна Азија“, соопшти Министерството.

Покрај Русија, на маневрите ќе учествуваат единици од Кина, Пакистан, Индија, Киргистан, Казахстан, Таџикистан и Узбекистан.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.