Во Шпанија почна со работа градежниот и индустрискиот сектор

26 April 2020. EPA-EFE/Javier Cebollada

Работниците во градежниот и индустрискиот сектор во Шпанија од денеска се вратија на работа откако најновите податоци покажаа мал пад на бројката на новозаразени лица со Ковид-19.

Од новиот коронавирус во последните 24 часа во Шпанија починаа 517 луѓе, со што бројот на смртни случаи се искачи на 17.489. Додека ден претходно починаа 619 луѓе, а во саботата 510.

Во Шпанија денеска се пријавени 3.477 луѓе инфицирани со новиот коронавирус, со што вкупната бројка се искачи на 169.496. Тоа е два проценти повеќе во споредба со претходниот ден. Последните два дена дневната стапка на ширење на Ковид-19 изнесуваше околу три отсто.

– Тоа покажува надолна тенденција на стапката на раст, истакна директорката на здравствената служба Марија Хосе Сиера.

Во Шпанија од 30 март беше забрането одење на работа за сите освен за вработените во нужните професии како производство и дистрибуција на храна, електрична енергија и гас.

Рестораните, кафулињата, спортските, културните и други објекти за релаксација и понатаму остануваат затворени.

Владата и понатаму апелира граѓаните кои можат да работат од дома да останат во своите домои.

Околу 47 милиони жители на Шпанија од 14 март се во домовите, а дозволено им е само посета на продавници за храна, аптеки, болници, банки, бензиски станици и шетање на милениците.

Шпанскиот премиер Педро Санчез минатата недела изјави дека вонредната состојба може да потрае до 11 мај.