Во Штип денеска сите се искачуваат на Исарот

На тврдината „Исар“ во Штип денеска се чествува големиот христијански празник Свети 40 маченици и обичајот Четрсе. Првиот македонски обичај кој е на светската листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство.

Претседателот на Република Македонија Ѓорѓи Иванов, министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, директорот на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Зоран Малинов, штипскиот градоначалник, Илчо Захариев и претставници на локалната самоуправа денеска се искачија на тврдината Исар и фрлија 39 каменчиња, а четириесетото го зачуваа за себе за да го стават под перница, со цел да им се исполни желбата која ја имаат за себе, но и за своите блиски.

Обичајот Четрсе, според Канческа-Милевска, навистина заслужува да е на листата на УНЕСКО за нематеријално културно богатство, а благодарение на ангажманот и пополнувањето на апликацијата од страна на директорот на Институтот за фолклор, Зоран Малинов.

„Овој уникатен обичај Четрсе влезе за првпат во светското нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Мислам дека ова е многу значаен сегмент за Република Македонија, бидејќи првпат влегуваме во нематеријалното културно наследство на УНЕСКО и првпат со еден ваков исклучителен обичај, кој редок и се чествува овде во Штип, рече Канческа-Милевска.

Напомена дека во изминатиот период се работело на пополнување апликации, историски наоди и истражувања.

Директорот на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Малинов, кој во 2011 година ја пополни апликацијата за обичајот Четрсе да биде на светската листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство вели дека традицијата продолжува во градот под Исарот. За него многу важно е што обичајот го чествуваат младите, но и повозрасните штипјани.

„Овие илјадници, може и да кажам десетици илјади луѓе, млади пред се што се искачуваат на врвот на Исарот, гарантираат дека овој обичај ќе живее уште многу, многу години,“ подвлече Малинов.

Министерката Канческа – Милевска најави дека вработените во Институтот работат и на други апликации, меѓу кои обичаите Мартинки, празникот Ѓурѓовден, се доработува и апликацијата за орото Копачки од делчевското село Драмче, како и традиционалното пеење Гласоечкото од тетовскиот регион.

Обичајот налага, при искачување до врвот на тврдината да се поздравите со 39 луѓе, а 40-от да се бакне. Младите девојчиња и момчиња, за последен го оставаа оној/онаа кој(а) им се допаѓа. Исто така се фрлаат и 39 камиња, а 40-то се носи дома, па се става под перница. Се верува дека тој што ќе се сонува ќе биде идниот избраник на девојката.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.