Во Штип се реализира проект со младите, во фокусот спречување на корупција и организиран криминал

Штипското средно училиште „Коле Нехтенин“ беше домаќин на работилница во чиј фокус беа корупцијата и организираниот криминал. Целта е да се подигне свесноста кај младите за опасностите кои ги носат овие две зла на општеството и како тие влијаат во понатамошниот развој, управувањето и целокупноста на општественото живеење.

Еден од предавачите на оваа работилница е универзитетскиот професор, Методи Хаџи-Јанев, кој вели дека за почеток вакви работилници ќе има во Штип и Кочани.

-Како актери или главниот фокус на работилницата се пред сѐ младите, но и сите причинители коишто работат на градењето на младите и изградувањето на истите како здрави личности коишто ќе функционираат во општеството. ОБСЕ има и дополнителна активност, којашто ќе следи по завршувањето на овој проект, а тоа е да опфати други општини во кои ќе се фокусира не само на кревање на свеста, туку и на градење на капацитетите за да се развијат соодветни алатки со кои, всушност, училиштата, родителските совети, а и младите ќе бидат директно ставени на првата линија за спречување против овие две зла, вели Хаџи-Јанев.

Тој истакна дека кај младите постои интерес, со што заклучокот е дека се потребни вакви активности со кои ќе се даде придонес во однос на овој проблем. Констатацијата е дека младите се свесни дека имаме проблем на кој треба да се работи.

-Беше продискутирано и за тоа кои методи ќе се користат и на кој начин ќе се работи проектот со цел да се покрене свеста кај младите, делумно се разговараше за тоа каде започнува корупцијата и организираниот криминал, односно за зачетоците и формите од фаќањето протекции, па до учество во организирани криминални дејствија, злоупотреба на младите, дали тоа ќе биде во однос на психотропните супстанции, насилство, учество во сексуално злоставување итн. Тоа се теми кои ги обременуваат младите во секојдневното живеење, додаде Хаџи-Јанев.

Проектот е насловен „Спречување на младите од ангажирање во организиран криминал и коруптивно однесување преку зголемување на општествената резилиентност“.  

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.