Во Штип затворена уште една конфекција поради позитивен работник

Од денеска 336 граѓани се во самоизолација. Нов позитивен случај се појави во нова конфекција и истата е затворена, а вработените се испратени дома.

– Оваа конфекција е една од поголемите и има околу 250 вработени, така што и таа  ќе влезе во редот за тестирање со другите кои чекаат за тестирање. Веднаш по излегувањето на резултатите, секој кој е негативен, веднаш ќе може да се врати на работа, вели Бочварски, напоменувајќи дека сите кои од денеска ќе останат дома мора да бидат во самоизолација безразлика што не се тестирани.

Предлог мерка која денеска се дискутираше на општинскиот кризен штаб е во секоја конфекција да се назначи ковид-19 координатор.

– Координаторот ќе има целосна комуникација и координација во текот на целото работно време со вработените и ќе укажува на секакви групирања, ќе разговара со нив и нема да дозволува никакви групирања. Се работи за случаи каде на паузите се случува доближување, разговор и неносење на заштитна опрема и тогаш може да настане целиот проблем и да се рашири болеста, кажа градоначалникот Бочварски.

Според координаторот на кризните штабови, Бујар Османи, овој предлог значително ќе придонесе за справување со коронавирусот во конфекциите и да не дојде до економски загуби.