Во Шведска е убиен познат чеченски блогер и критичар на Кадиров

Тумсо Абдурахманов, познат критичар на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, е убиен во Шведска, соопштија неговите колеги-блогери за рускиот сервис на Радио Слободна Европа. Абдурахманов бил убиен во текот на ноќта помеѓу 1 и 2 декември.

Шведските власти не соопштуваат ништо за тоа, освен дека немаат информации за тоа каде се наоѓа Абдурахманов.

Чеченскиот опозициски канал 1ADAT, на Телеграм, исто така, денеска потврди дека Абурахманов е убиен и дека неговиот брат Мухамад Абдурахманов е под заштита на шведските безбедносни сили.

На социјалните мрежи на 1 декември се појави веста дека е убиен Абдурахманов (36), но не можеше да се потврди.

Чеченските опозициски групи известија дека не биле во можност да стапат во контакт со блогерот и дека неговите претставници рекле дека не биле во контакт со него, ниту со неговиот брат.

Во јануари 2021 година, неколку руски државјани од Чеченија добија долги затворски казни во Шведска за обидот за атентат врз Абдурахманов во февруари 2020 година.

Еден од нив, Руслан Мамаев, сведочеше дека дејствувал во име на чеченските власти, кои ветиле дека ќе му платат 50.000 евра.

Кадиров, кој е на власт во Чеченија од 2007 година, честопати е обвинет од руските и меѓународните групи за човекови права за кршење на човековите права со киднапирања, тортура, вонсудски убиства и напади врз ЛГБТ заедницата.

Абдурахманов, популарен блогер на Јутјуб, кој остро го критикуваше Кадиров и неговата влада во Чеченија, ја напушти Русија во 2015 година. Тој доби политички азил во Шведска.