Во Сирија за девет години војна – над 380.000 жртви

Најмалку 384.000 луѓе, од кои 116.000 биле цивили, се убиени во Сирија од почетокот на конфликтот во март 2011 година, објави опозициската Сириска опсерваторија за човекови права.

Конфликтот, што почна со репресија на про-демократските протести, подоцна се претвори во комплексна војна со учество на различни бунтовнички фракции и џихадистички групи.

Силите на сирискиот претседател Башар ал Асад сега контролираат повеќе од 70 проценти од територијата, благодарение на воената помош на сојузниците – Русија, Иран и либанското движење Хезболах.

Конфликтот, што ОН го оцени како најтешка катастрофа од Втората светска војна, ја уништи економијата бидејќи повеќе од 11 милиони ги напуштија своите домови.

Опсерваторијата, која се потпира на голема мрежа на воени и медицински извори ширум Сирија, соопшти дека од 116.000 жртви биле цивили, 22.000 биле деца и 13.000 жени.

Најмалку 129.476 припадници на сириската армија и странски борци се убиени, соопштија властите, додавајќи дека се убиени околу 57.000 бунтовници.

Од страната на џихадистите, загинале 67.296 припадници на ИД и групата Хајат Тарир ал-Шам, поранешен огранок на Ал Каеда.

Опсерваторијата додаде дека има околу 420 неидентификувани жртви.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.