Војската на Србија во зголемена приправност поради тензиите на Косово

Војската на Србија од вторникот е „во состојба на приправност“ и „подигната е нивото на борбена подготвеност“ поради ситуацијата во поранешната српска јужна покраина Косово и Метохија која во 2008 година со поддршка на САД и Европската унија еднострано прогласи независност, изјави денеска српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ, наведувајќи дека тоа е наредба на претседателот Александар Вучиќ.

Новите тензии меѓу Белград и Приштина повторно дојдоа во прв план откако од полноќ ноќта кон вторникот истече рокот кој владата на Албин Курти го остави за примена на одлуката за замена на регистарските таблички издадени во Србија, кои ги користат косовските Срби. Западните поддржувачи на Косово бараа, инаку, одложување на таквата акција.

Новиот српски министер за одбрана Вучевиќ во гостувањето на ТВ Хепи изјави дека Србија се залага за дијалог, но и дека војската е подготвена да го спроведе секој указ на претседателот Вучиќ, кој според Уставот е врховен командант, „за да ги заштити сите граѓани на Србија, вклучително и Србите на северот од Косово и Метохија“.

„Србија е за дијалог. Подобро е илјада денови да се преговара, отколку еден ден да се биде во ров“, оцени српскиот министер за одбрана појаснувајќи го зголеменото ниво на приправноста на Војската на Србија.

Предупреди дека кога Србија зборува за мир и стабилност, тоа не значи дека е слаба или дека се плаши, бидејќи нејзината војска е повеќекратно посилна отколку што била, но постапува по налогот на државниот врв и претседателот.

Вучевиќ повтори дека Приштина незаконски според договорите распоредува специјални и паравоени полициски сили на северот на регионот каде што мнозинско е српското население, кое стравува од нови погроми и протерувања.

Белград инсистира дека намерите на Приштина не се во согласност со досега постигнатите договори под покровителство на ЕУ, како и дека косовските власти се оглушија од препораките на Брисел и Вашингтон за натамошно одложување на мерките за замена на табличките со RKS (Република Косово) за 10 месеци.

Владата во Приштина на 29-ти јуни донесе сите ознаки издаден во Србија за косовските градови, како и возилата да се пререгисрираат со RKS, а таа примена да започне од 1-ви август, што предизвика тензии во областите населени мнозински со Срби.

По протестите на Србите, кои беа сведоци на неколку упади на силно вооружени косовски полицајци во Северна Митровица, и блокадите на премините, владата на Курти по изјавата и притисокот на амбасада на САД во Приштина како нов рок го одреди 31-ви октомври, а минатата седмица Србите порачаа дека доколку тоа се случи повторно ќе ги блокираат сообраќајниците и оти ќе пружат отпор ако со сила интервенираат косовските сили.

САД во соопштението на Стејт департментот од петокот, порачаа дека се „разочарани и загрижени“ поради тоа што владата во Приштина ги одбила барањата на нејзините меѓународни партнери да го продолжи рокот за стапува на сила на одлуката за регистарските таблички.

Приштинската влада, три дена пред истекот на рокот, реши да не се откажува од одлуката, туку да ја спроведува по фази, и покрај барањата од ЕУ и САД замената да биде одложена за уште 10 месеци. Според планот на Курти, одлуката би требало да стапи на сила, но нејзината промена во смисла на контрола и казнувања, се одложува за јануари односно април.

Белград и Приштина водат долги години преговори за нормализација на односите. Последните месеци засилен е притисок на ЕУ и САД врз Белград да се забрза тој процес кој би резултирал со компромис и кој Косово ќе го гледа како признавање од Србија и членство во ОН и меѓународните тела, со што треба да се поништи аргументот на рускиот претседател Владимир Путин во однос на Крим и другите четири украински региони кои изведоа референдуми за присоединување на Русија.