Војската остана без превоз, лажна грижа за стандардот на припадниците на АРМ

Пред неполн месец се чествуваше денот на Армијата. Одбрамбениот менаџмент на државава не пропушта прилика за силни говори кои изобилуваат со излитени фрази и силни фалења за тоа колку врховниот командант, министерката и началникот на Генералштабот се грижат за војниците и нивниот стандард.

Така врховнниот командант на обезличената Армија во својот говор рече:

„како врховен командант ќе инсистирам на подобрување на вашиот животен и професионален стандард“.

Министерката Шекеринска исто така опкружена со своите послушници им ветуваше на војниците дека нејзината задача била да се обрзбеди најдобра опрема, најдобар тренинг, се фалеше дека платите на војската се покачени ама заборави да спомне дека нејзините служби се неспособни да реализираат јавна набавка за превозот на припадниците на Армијата. А, не е дека во тој момент не го знаела тоа. Имено од утринава припадниците на војската кои патуваат секојдневно од и до своите работни места , останаа без организираниот превоз. Укинати се 22 линии поради истечени договори и нереализиран тендер. Утринава непријатно изненадување ги дочека вработените во Армијата, како и цивилниот персонал кога биле известени од страна нна превозниците дека ќе треба да си платат од свој џеб за превозот, а потоа Министерството за одбрана ќе им ги рефундира средствата. Исто така им било кажано да си се снаоѓаат за превоз кој како знае и умее.

Министерката не размислува како тоа влијае на безбедноста на самите луѓе, па и државата, а и на моралот на војската. Припадниците на Армијата кои не исконтактираа се жалат дека се снаоѓаат како знаат и умеат. Со дотраени приватни возила, или со редовна автобуска линија. Многу голем дел од нив, велат тие, не седат по цел ден во канцеларија, туку извршуваат задачи и учествуваат на разни обуки кои бараат и физичка и психичка подготвеност. И после таков ден треба да возат до дома или сами да си најдат превоз.

Се поставува прашањето: дали навистина е во прашање неспособноста на менаџментот на Министерството за одбрана и Армијата навремено да решат вакви важни прашања? Или се работи за намерна манипулација со договори и анекси на договори за превоз поради остварување на профит? До кога ќе слушаме само празни флоскули за подобриот професионален и животен стандард на војската?

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.