Во Скопје се градат половина од вкупниот број на станови во целата земја

Во мај биле издадени 222 одборенија за градба, на 61,3% од објектите инвеститори се физички лица, а на 38,7% инвеститори се правни лица, односно фирми, се вели во анализата на „Portalb.mk“. Споредбената анализа во однос на истиот месец лани покажува дека расте бројот на инвеститори-физички лица, а се намалува на фирмите кои инвестираат во градежништвото. Според податоците од Народната банка цените на становите се во пораст.

Во мај годинава ниво на целата држава предвидено било да бидат изградени вкупно 463 станови, од нив најголем дел се трособни, двособни, четворособни и еднособни а во мај лани била предвидена изградба на 477 станови. Годинава, во Североисточниот регион кој ги опфаќа Кратово, Куманово, Крива Паланка, Липково, Ранковце, Старо Нагоричане не било предвидено да се изгради ниту еден стан додека Скопскиот и Полошкиот регион предничат според бројот на новоизградени станови.

По градови, на ниво на Скопје била предвидена изградба на 211 станови што речиси е половина од вкупниот број на планирани станови на ниво на целата земја, а во Полошкиот регион, според Заводот за статистика, била предвидена изградба на 105 станови, најмногу 77 во Гостивар и 21 станбена единица во Тетово. Во Скопје и покрај мораториумот во две општини изградбата на згради во однос на другите региони предничи а интересно е дека концентрацијата е во само неколку општини.

Така, во Ѓорче Петров во мај се изградиле 128 станови, во Гази Баба 35 станови, во Аеродром 31, во Бутел 8 станови, во Илинден 5 станови, во Чучер 2 а во општините Кисела Вода и Сопиште само по еден стан. Во другите општини меѓу кои Карпош, Центар, Чаир не била предвидена градба на ниту еден стан .

Во Пелагонискиот регион, кој зафаќа поголеми општини како Битола и Прилеп, во мај била предвидена изградба на само 9 станови од кои 4 во Битола и 5 станови во Ресен. Во Охрид кој е дел од Југозападниот регион во петтиот месец од годинава, според официјалната статистика, била предвидена изградба на само еден стан. Во Источниот регион планирани биле 73 станови од кои 63 само во Кочани а во Вардарскиот регион биле предвидени само два станови – по еден во Неготино и во Свети Николе.

Цените на становите, според официјалните податоци од Народната банка во првиот квартал од годинава во споредба со претходното тромесечје се во пораст додека во однос на истиот период лани цените се намалени за 0,8%. Сепак, цените на становите во споредба со последниот квартал се во раст со стапка на промена од 1,9% што е и највисока стапка на раст измерена од почетокот на 2019 година.

Податоците покажуваат дека во мај на 136 објекти инвеститори се физички лица, додека лани во истиот месец овој број изнесувал 116 инвеститори-физички лица. Од друга страна има намалување на бројот на инвеститори-фирми, лани во мај бил 106 а годинава 86 инвеститори-деловни субјекти.