Во Словенија 114 новозаразени и еден починат од Covid-19

Во Словенија во последните 24 часа со 3.070 тестови потврдени се нови 114 случаи на зараза со коронавирусот, што е за 23 случаи помалку отколку ден претходно кога беше забележан рекорден број заразени од почетокот на епидемијата во земјата, а уште еден пациент починал.

Како што објави во саботата словенечката влада, со тоа бројот на вкупно потврдените зарази од почетокот на епидемијата се зголемил на 4.309 случаи, од кои во моментов активни се 1.187 зарази а бројот починати сега изнесува 141.

Во словенечките болници згрижени се 67 заболени од Covid-19, од кои десетмина се на интензивно лекување.

Најмногу нови случаи регистрирани се во главниот град Љубљана – 30, а следи Марибор со 8 случаи, додека другите се раширени низ земјата.

Најмногу од новозаразените се на возраст од 35 до 44 години – 23 случаи, потоа на возраст од 45 до 54 години си од 55 до 64 години со по 21 случај, додека по една зараза е забележана кај дете и кај лице постаро од 85 години.

Поради големиот број зарази, владата ги заостри епидемиолошките мерки за заштита, па од саботата употребата на заштитни маски е задолжителна и на отворени простори, доколку не е можно да се примени правилото на физичко растојание. Во затворените простори носењето маски е задолжително без разлика на физичка дистанца, а при влез во затворените простории задолжително е и дезинфицирањето на рацете.

Министерството за здравство во петокот до училиштата и факултетите им испрати упатства за носење маски и други епидемиолошки мерки, со акцент наставата и натаму да се одвива во училниците и предавалните, но маските се задолжителни за учителите, наставниците и професорите, како и за студентите, и за учениците повозрасни од 13 години.

Од друга страна, владата го повикува населението, на одговорност и доследно придржување на основните епидемиолошки мерки: одржување на растојанието, хигиената на рацете и кашлањето, како и избегнување приватни дружења надвор од кругот на семејството, како што се роденденски и други прослави.

За да се намали можноста од ширење на заразата во работните средини, владата на Јанша ги повика во четвртокот рапотодавачите на сите вработени при доаѓањето на работа да им се мери температурата со што ќе овозможат безбедна работа на што се и законски обврзани, и во договор со лекарите од медицината на трудот да го дефинираат степенот на ризик од зараза во своите работни простории и на тоа превентивно да ги пролагодат начинот и времето на работата.