Во Словенија две нови зарази и еден смртен исход од Covid-19

Во Словенија во последните 24 часа со спроведени 304 тестирања регистрирани се две новозаболени лица од Covid-19, а едно лице починало, објави во неделата словенечката влада.

Во моментов во словенечките болници се хоспитализирани 24 пациенти инфицирани со коронавирусот, од кои тројца се на одделите за интензивна нега. Од почетокот на епидемијата, вкупниот број заразени во Словенија се зголеми на 2.249 лица, од кои починале 127 пациенти, објави министерството за здравство.

Словенија последните седмици спроведува многу помалку тестирања на коронавирусот отколку претходно, но водечкиот инфектолог во земјата, Бојана Беович, тврди дека протоколот за тоа кој се тестира останува непроменет.

На тестирање на коронавирусот матичните лекари ги испраќаат сите со знаци на инфекција на респораторниот тракт, но во летните месеци тоа е значително помалку, а и многу луѓе се на годишен одмор и доколку имаат благи симптоми веројатно не се јавуваат кај своите лекари, изјави за новинарите Беович.

Од друга страна, пак, по правило не се тестираат луѓето кои биле во близок контакт со заразено лице, туку се упатуваат во карантин, каде што нема опасност да го шират вирусот.