Во Словенија над 1.600 новозаразени и 22 починати од Covid-19, над илјада заболени во болниците

Во Словенија во последните 24 часа со 5.991 направен тест потврдени се 1.685 нови случаи на зараза со коронавирусот, а починале 22 лица, соопшти во четвртокот словенечката влада.

Ден претходно беа потврдени 2.025 коронаинфекции, со малку поголем број тестови, а уделот на позитивните во вкупните тестови во последните 24 часа паднал на 28,13 отсто во однос на 32 отсто, колку што изнесуваше во средата.

Бројот на вкупните зарази од почетокот на епидемијата се искачи на 41.093, од кои во моментов се активни 23.432 случаи, додека бројот на заразите на 100.000 жители во последните 14 дена изнесува 1.118.

Бројот на хоспитализираните првпат е над илјада и изнесува 1.025 пациенти, од кои на интензивно лекување е 161 дијагностициран со Covid-19. А бројот на починатите од почетокот на епидемијта се зголеми на 463, откако последните денови овој показател не изнесуваше помалку од 20 смртни исходи дневно.

Премиерот Јанез Јанша и членовите на неговата влада деновиве повторуваа дека и следните денови треба да се очекуваат големи бројки на новозаразени и хоспитализирани, дека владините рестриктивни мерки дејствуваат но и дека со доследното придржување на мерките треба да се продолжи уште неколку седмици, иако веруваат дека кон крајот на следната седмица вториот бран од епидемијата ќе го достигне врвот.

Портпаролот на словенечката влада за кризата со коронавирусот, Јелко Кацин, изјави во средата дека умерен оптимизам дава податокот што репродукцискиот број на ширење на епидемијата се намалува, па за некој ден ќе се доближи до вредноста 1, што дава добра основа за контролирање на епидемијата и постепено укинување на некои од рестриктивните мерки по неколку седмици.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.