Во Словенија нов рекорд со новите коронаинфекции, црни прогнози за ноември

Во Словенија во последните 24 часа потврдени се 4.511 нови случаи на зараза со коронавирусот, што е нов рекорд од почетокот на епидемијата по вчерашните 3.456 случаи, а според новите прогнози растот во четвртиот бран би можел да продолжи до крајот на ноември и според процените да доведе до уште 400 до 500 смртни исходи.

Со 10.156 тестови потврдени со 4.511 нови зарази, односно 44,4 отсто меѓу сите тестирани, објави во четвртокот словенечкото министерство за здравство. Со тоа е надминат вчерашниот неславен рекорд од почетокот на епидемијата, кога беа потврдени уште 3.456 нови коронаинфекции.

Во словенечките болници во четвртокот имало 670 пациенти со коронавирусната болес Covid-19, а од нив 159 лица се на одделите за интензивна нега, додека во последните 24 часа починале 18 заразени.

„Кривата на заразата би можела да оди нагоре најмалку до крајот на ноември, доколку ништо не се промени“, изјави за Словенечката телевизија Лион Цизељ од научниот институт „Јожеф Штефан“, кој за владата ги прави прогнозите и моделите за состојбата со епидемијата.

Имајќи предвид дека вистинската бројка на дневните зарази е два до трипати поголем од оној кој се утврдува со тестирањето, тоа значи дека седмично со коронавирусот во Словенија се заразуваат околу 50.000 луѓе, предупредува Цезељ.

Додава дека таквата динамика во четвртиот бран укажува на тоа дека за еден месец би можел да го достигне пикот на епидемиајта, но не поради вакцинирањето кое се одвива бавно, туку поради забрзаното инфицирање на населението кое доаѓа во контакт со вирусот. Но таквата динамика би значела дека ширењето на вирусот во ноември, за жал, ќе доведе од 400 до 500 нови смртни исходи, драматично предупредува Цизељ, апелирајќи на подобар одѕив на вакцинирањето.

Поради забрзаниот раст на хоспитализациите во последниот период, државниот секретар во министерството за здравство, Роберт Царота, задолжен за координација меѓу болниците, изјави дека не исклучува дека поради преоптовареноста на здравствениот систем со ковид-пациентите ќе треба да бидат упатувани во странство.

За состојбата со епидемијата и новите мерки подоцна во четвртокот на редовна седница ќе расправа владата во Љубљана, но демантирани се нагаѓањата дека би можела да донесе одлука за „целосно затворање“, што би вклучувало и запирање на стопанските активности. Вицепремиерот и министер за одбрана, Матеј Тонин, изјави дека единствено решение за сегашната ситуација е побрзото вакцинирање и строгата контрола за користењето на ковид-пропусниците.

„Целосен ‘локдаун’ би било многу тешко да се реализира, бидејќи би требало да се затвори целото стопанство на земјата, што никогаш досега не сме го сториле“, изјави за медиумите Милан Крек, директор на Националнито институт за јавно здравје (NIJZ).

Инфектологот Бојана Беович, пак, рече дека со „затворањето“ растот на четвртиот бран на епидемијата би бил забавен, а потоа ситуацијата би се повторила. Според неа, наместо „локдаун“ подобро е да се инсестира на вакцинација и избегнување на ризичните контакти.