Во Словенија помалку зарази со коронавирусот

Во Словенија во последните 24 часа со 1.708 тестирања потврдени се 43 случаи на коронаинфекции, а едно лице починало како последица на Covid-19, објави во саботата словенечката влада.

Тоа се четири зарази помалку на дневно ниво од претходното деноноќие кога беа забележани 47 случаи од 1.733 тестирања.

Во моментов во Словенија се хоспитализирани 22 заболени од Covid-19, од кои тројца пациенти се на одделите за интензвина нега, а од болниците во последните 24 часа се отпуштени пет оздравени пациенти.

Од почетокот на епидемијата во земјата се забележани 3.122 зарази, од кои во моментов активни се 505 случаи, а досега починаа 135 лица, според податоците на министерството за здравство.

Најмногу нови зарази се забележани во главниот град Љубљана – осум, каде што има и најголем број активни случаи – 98. Според бројот на заразите следат Марибор со 25, Целје со 22, Велике Лашче и Севница со по 16 и Ново Место со 15 новозаразени.