Во Словенија повторно се отвораат продавници и мали бизниси

Во Словенија од денеска, по повеќе од еден месец, повторно се отворени повеќе продавници, салони и сервиси, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Словенците уште утрово, почитувајќи ги сите мерки, со заштитни маски и држејќи соодветна раздалеченост, ги наполнија салоните за мебел и продавниците за градежен материјал.

Според планот на властите, оваа недела се отвораат и продавниците за градинарски работи, станиците за технички преглед, сервисите за автомобили и велосипеди, сервисите за хемиско чистење и малите работилници.

Од денеска повторно се отворени и терените за тенис и голф, а сообраќаат и автобуските линии за организиран транспорт на работници.

Набрзо ќе бидат отворени и фризерските и козметичките салони.

Ваквото олабавување на мерките доаѓа откако податоците на Националниот институт за јавно здравје на Словенија покажуваат се помал број лица заразени со новиот коронавирус.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.