Во Словенија продолжува падот на коронаинфекциите, наскоро ублажување на мерките

Во Словенија во последните 24 часа со повеќе од 11.000 тестирања, потврдени се 1.689 нови случаи на заразата со коронавирусот, со што продолжуваат позитивните трендови кои се бележат последните неколку дена, а владата се подготвува за првото позначајно попуштање на строгите рестриктивни мерки.

Во последните 24 часа со 5.384 PCR тестови потврдени се 1.396 нови коронаинфекции, а уште 302 зарази се потврдени со 5.924 брзи антигенски тестови. Притоа, уделот на позитивните при PCR тестовите изнесувал 25,9 отсто, а кај брзите тестови 5,9 отсто, според податоците на словенечкото министерство за здравство.

Поради поволните епидемиолошки податоци кои покажуваат дека епидемијата сепак стивнува, премиерот Јанез Јанша најави дека владата подоцна денеска ќе расправа за делумно попуштање на мерките и ограничувањата во регионите кои покажуваат најдобри резултати, како и дека во Словенија имајќи ја предвид достапноста до вакцините против коронавирусот и со нивната побрза примена, до почетокот на летото би можело да бидат вакцинирани 70 отсто од населението.

Според пишуваата на словенечките медиуми, доколку продолжи овој поволен тренд, следната седмица во 9 од 13-те региони би можело повторно да бидат отворени училиштата, но само за учениците од првите три класа на основното образование, како и детските градинки, а наставата би започнала во вторник бидејќи во понеделникот претходно масовно би се тестирале наставниците и воспитувачите. Во тие региони можно е и повторно отворање на некои од сервисните дејности.

Станува збор за можно попуштање на некои мерки според критериумот од владиниот „епидемиолошки семафор“, доколку се стекнат условите за преминување од сегашнта „црна“ фаза во „црвената“ фаза, а предуслов за тоа е просечниот број дневни зарази да е помал од 1.350 и во болниците да нема повеќе од 1.200 ковид пациенти. На почетокот од февруари, доколку продолжи сегашниот тренд, би можело да се влезе во „розовата“ фаза, кога на дневно ниво би имало помалку од 1.000 зарази и помалку од 1.000 пациенти во болниците.

Според најновите податоци, во Словенија во моментов има 20.869 активни случаи на заразата со коронавирусот, речиси две илјади помалку од ден претходно, а седумдневниот просек на дневно заразените падна на 1.297.

Покрај тоа, помал е и бројот на хоспитализираните пациенти со Covid-19, па сега ги има 1.200 од кои 187 се потешки случаи на одделите за интензивна нега. Во последните 24 часа во Словени од последиците на компликациите кои ги предизвикува Covid-19 починале уште 25 лица, па вкупниот број на починатите од почетокот на епидемијата изнесува 3.206, според моменталните податоци на министерството за здравство.