Во Словенија рекордни ниски температури, во Сплит четврти пат паѓа снег во април

Во Словенија во средата на повеќе места се регистрирани рекордно ниски утрински температури, незабележани веќе повеќе децении во април, додека во соседна Хрватска, ноќта од вторникот кон средата четврти пат паднал снег во април откако се бележат врнежите.

Најниската температура во Словенија утрово од минус 20,6 Целзиусови степени е измерена во местото Нова вас на Блоках, што е и најниската температура во април досега заебележана во земјата, објави словенечката Агенција за околина.

Многу ниски температури во интервалот од минус 15 до минус 20 Целзиусови степени се регистритани и во повеќе други области, особено во централниот и јужниот дел на земјата.

Според наводите на агенцијата, утрови на повеќе локации во земјата се забележани најниските температури во последните 70, па и стотина години.

Слични многу студени утра се очекуваат и следните денови, а се предупредува на тоа дека утринските мразеви може да нанесат големи штети во земјоделието, особено овоштарството.

Во средата, исто така, сплитскиот оддел на хрватскиот Државен хридрометеоролошки завод соопшти дека во овој пристанишен град на јадранскиот брег изминатата ноќ врнел снег, и оти тоа е четврти пат во последните 70 години, односно од 1949 година откако се бележат и мерат врнежите. Претходно во Сплит априлски снег, и тоа двапати, е регистриран во 1960 година и еднаш во 1992 година.

Во вторникот, пак, во Книн биле измерени 8 сантиметри снег, што е рекорд во овој град, во чија историја на бележењето на метеоподатоците снег во април паднал само осум пати. Уште еден далматински град, Шибеник во вторникот забележал првпат висина на снегот во април во својата историја, од 1 сантиметар.