Во Словенија со помалку тестирања 169 новозаразени, но бројката ќе расте

Во последните 24 часа во Словенија се спроведени 1.404 тестови со кои се потврдени 169 нови коронаинфекции, а две заболени лица починале, соопшти во понеделникот словенечката влада.

Помалиот број тестирања од вообичаено се спроведуваат во текот на викендите, но и натаму загрижува растот на процентот на заразените кај тестираната популација. Ден претходно во Словенија со 2.956 тестови позитивни на коронавирусот беа 411 лица, што досега е рекордна бројка на дневно ниво.

Епидемиолошката ситуација и натаму се влошува, забрзано расте бројот на новите зарази, но болниците се поподготвени да одговорат на предизвикот и може да примат повеќе пациенти од порано, изјави на прес-конференцијата во Љубљана, портпаролот на словенечката влада за коронакризата, Јелко Кацин.

Притоа им се заблагодари на новинарите и медиумите за коректното известување за епидемиолошката ситуација во земјата, бидејќи на тој начин ефикасно дејствуваат на негативните објави на социјалните мрежи во кои има и такви кои го негираат постоењето на вирусот и шират дезинформации.

Според последните податоци на министерството за здравство, со инфекциите во последните 24 часа вкупниот број коронаинфекции од почетокот на епидемијата во Словенија се зголемил на 8.832, а од тоа во моментов активни се 3.444 случаи. Во болниците се хоспитализирани 172 заразени пациенти, од кои 26 се на одделите за интензивна нега. Досега, како последица на компликациите кои ги предизвикува Covid-19, починале 169 лица.

Меѓу новозаразените е и претседателката на словенечката Лекарска комора и поранешната правобранителка за човекови права Зденка Чибашек Травник. Како што соопштиле од Лекарската комора, заразен е и нејзиниот сопруг, кој веројатно се инфицирал со вирусот на ортопедска клиника во Љубљана каде што е вработен.

Како што изјави во неделата Бојана Беович, шефица на владиниот стручен тим за коронавирусот, оваа седмица може да се очекува носење нови мерки за зауздувње на епидемијата. Словенија, според неа, нема да може да го избеген влегувањето во ткн „црвена зона“ поради растот на бројот на новите случаи.

Според планот кој минатата седмица го прифати владата, тоа ќе се случи кога бројот на заразите на 100.000 жители во 14 дена ќе надмине 140, а сега оваа бројка е поголема од 165, но со дополнителен услов истовремено во болниците да има повеќе од 250 хоспитализирани дневно, од што најмалку 50 на интензивно лекување, што сѐ уште не е случај.

Тогаш во Словенија повторно би била прогласена епидемија, а за таа фаза се предвидени три „пакета“ нови рестрикции и мерки. Во последниот „пакет“ се предвидува и затворање на трговските центри, целосно онлајн настава во училиштата за сите возрасти, па и можност на затворање на општинските или регионалните граници.