Во Словенија запленети 26 тони тутун во илегален погон

Словенечката полиција открила криминална организација којашто се занимавала со произвдоство на тутунски производи кои потоа завршувале во Франција, објавија во петокот словенечките медиуми, повикувајќи се на полицијата.

Во рамките на истрагата против таа организација во вторникот според првичните сознанија запленети се повеќе од 26 тони режан тутун и тутун во листови, 29 милиони филтери за цигари, како и повеќе строеви за режење и ситнење на тутунот и изработка тутунски производи, еден вилјушкар, електронски направи и соодветна документација.

Сето тоа било пронајдено во погони за илегално производство и складирање, во завршната акција која полицијата и царинската служба ја извеле во вторникот. Домашни претреси се спроведени на 11 адреси на територијата на полициската управа Марибор, Целје и Љубљана. Со продажбата на запленатата стока државата би била оштетена за 6,8 милијарди евра, додека илегалната ораганизација би заработела 11,6 милиони евра, се проценува во медиумите.

Акцијата против споменатата криминална организација е водена во соработка со француските безбедносни агенции кои минатата година ја истражувале продажбата на илегални тутунски производи кои во Франција пристигнувале од Словенија и од Полска. Со нивното следење е утврдено дека во Франција доставиле најмалку четири пратки цигари со вкупна тежина од 30 тони и дека стоката во Франција е довезена со возила на словенечки претпријатија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.