Во Собранието ќе се расправа за избор на влада

Во Собранието ќе почне расправата за избор на влада. Седницата, според известувањето е закажана за 11 часот, а расправата може да трае најмногу два дена.

„Очекувам добра дебата и мнозинство за од следната недела да имаме нова влада. Во фокусот ќе ни бидат решавањата на домашните проблеми, ќе бидеме влада која повеќе ќе се фокусира да сработи дома. Приоритет ни е справувањето со ковид-кризата, здравството, економијата, образованието, економијата и екологијата. Борба за секое работно место и за опстојување на фирмите, проверка на имотот на парите на функционерите, прочистување на судството, посветеност на преговарачките процеси со ЕУ и екологијата“, рече Заев, во изјава откако до Собранието го поднесе предлог-составот на новата влада и предлог-програмата.

Новата влада ќе биде помала, односно ќе има 19 министри, наместо досегашните 26 министри.

СДСМ ќе има 11 министри, од кои осум со ресор и тројца вицепремиери кои ќе бидат предложени како министри без ресор со одредена надлежност.

Покрај Заев како премиер, за членови на владата се предложени и: Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата влада.

ДУИ во владата ќе има шест члена. Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, Насер Нуредини министер за животна средина, а за министер за информатичко општество и администрација е предложен Јетон Шаќири.

Предлог-програмата е напишана на над 50 страници, а на прво место е ставена точката посветена на економски развој. Таа го опфаќ периодот од 2020 – 2024 година и се базира на шест главни теми:

-Трансформација на економијата (МК рестарт) за забрзан раст и повисок стандард

-Заедно ќе го победиме ковид-19

-Грижа за сите

-Ред и правда

-Заштита на животната средина и зелен развој

– Влеговме во НАТО, можеме и во ЕУ.

Мандатарот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на Макеоднска Каменица рече дека првите работи со кои ќе се зафати новата влада ќе бидат следните чекори во справување со ковид-кризата и паѓање на дивоградбата пред „Мавровка“.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека ќе учествуаат на седницата но ќе гласаат потив предлог-листата за новата влада, оценувајќи дека на неа има стари и истрошени кадри и во неа ќе владеат криминалот и корупцијата.

За поддршка на предлогот, мандатарот Заев треба да добие 61 глас. Владиното мнозинство брои 62 пратеници.