Во Србија 29 новозаразени, најмалку од почетокот на јуни

Во Србија во последните 24 часа немало починати како последица од Covid-19, а здравствените власти во понеделникот објавија дека од 5.930 тестирани само 29 лица биле позитивни на коронавирусот, што е најмал показател од 2-ри јуни.

На болничко лекување е 391 пациент, а 28 се на респиратори. Во институциите за соцјална нега и домовите за стари лица заразени се 74 корисници и 26 лица од тамошните персонали.

Од почетокот на епидемијата на 6-ти март, во Србија вкупно се тестирани 1.033.988 лица и регистрирани се 32.437 случаи на коронаинфекција. Починале 733 лица, а процентот на смртноста изнесува 2,26 отсто.

Србија од петокот во 18 часа поради коронавирусот ќе воведе мерки за засилен надзор над сите граѓани кои се враќаат од странство, што не подразбира карантин ниту самоизолација, туку обврска за јавување на лекар поради контрола на здравствената состојба и брза реакција доколку има промени.

Сите повратници од странство кои во Србија ќе влезат по 18 часот во петок, ќе мора да се јават кај епидемиолог или кај својот матичен лекар во рок од 24 часа по преминувањето на границата.

„Имајќи предвид дека најголемиот број на нашите граѓани, кои сега се надвор од земјата, се наоѓаат во Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина, тоа во прв ред се однесува на нив, но фактички и на сите земји во Европа во кои е поголема зачестеноста на коронавирусот отколку во Србија“, изјави претходно во понеделникот членката на Кризниот штаб, др Дарја Кисиќ Тепавчевиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.