Во Србија 72 нови случаи на коронавирусот

Во изминатите 24 часа во Србија од 6.068 тестирани примероци коронаинфекцијата е потврдена кај 72 лица, а едно лице починало како последица од компликациите предизвикани од заболувањето Covid-19, објави во саботата српското министерство за здравство.

Од почетокот на епидемијата во Србија се тестирани вкупно 1.024.976 примероци, досега потврдени се 32.300 случаи на заразата, а од Covid-19 починало 731 лице.

Според последните епидемиолошки податоци, во Србија во моментов на болничко лекување е 383 пациент со Covid-19, од кои 29 се на респиратори, додека специјализираниот портал Worldometer наведува дека во земјата има 469 активни случаи.

Според податоците на порталот, со вкупниот број заразени Србија е на 68-то место во светот, а со 84 починати на милион жители е на 64-то место во светот.

Србија бележи надолен тренд во бројот на заразените на дневно ниво од 26-ти јули кога имаше 467 новозаразени, додека бројот на новозаразените оваа седмица осцилираше: во петокот имаше 92, а најмалку нови зарази во вториот бран имаше на 7-ти септември – 36 сличаи, од кога бројот на новозаразените се движеше меѓу 53 и 84 нови случаи.