13.8 C
Skopje
петок, април 19, 2024

Во Србија 95 новозаразени , 41 пациент на респиратори

Во последните 24 часа, во Србија се регистрирани 95 нови случаи на инфекција со коронавирус, а две лица починале, соопшти денеска српското Министерство за здравство.

Денес 545 пациенти се во болница, од кои 41 се на апарати за дишење.

Од 6 март, кога е потврден првиот случај на коронавирус во Србија, регистрирани се вкупно 31676 заразени лица, од кои 718 починале, а стапката на смртност е 2,27.

До 3 септември биле тестирани вкупно 955.730 лица, од кои 8.432 во последните 24 часа.

Министерот за здравство Златибор Лончар денеска рече дека 106 здравствени работници во моментов се заразени во Србија, од кои пет се во болница.

Меѓу заразените има 108 корисници на домови за стари лица и 46 вработени во тие социјални институции, рече Лончар.

Членот на кризниот штаб, епидемиологот Предраг Кон, смета дека „епидемиолошката состојба во Србија е сè уште неизвесна“, бидејќи вирусот сè уште циркулира, а чувствителноста на популацијата е сè уште голема.

„Ситуацијата е поповолна отколку што беше, но тешко дека ќе се спуштиме на нула“, изјави Кон за ТВ Пинк.

Градоначалникот на Белград, доктор Зоран Радојичиќ, тврди дека епидемијата на коронавирус е „под контрола“ и најави дека ќе се продолжи работното време на угостителските објекти.

„Овие мерки се ограничени на 40 дена, но ние ќе ја следиме ситуацијата на неделно ниво и ќе се прилагодиме на ситуацијата доколку е потребно“, рече Радојичиќ, оценувајќи дека јавниот превоз сепак е „точка на висок ризик од инфекција“.