Во Србија евидентирани вкупно 1.624 заразени со коронавирус и 44 смртни случаи

Во Србија во изминативе 24 часа регистрирани се пет нови смртни случаи со што вкупниот број на починати се искачи на 44 лица, изјави на редовната прес конференција на владиниот кризен штаб лекарот Горан Стевановиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Стевановиќ изјави дека од 645 тестирани, регистрирани се 148 нови лица заразени со коронавирус, со што бројот на вкупно заразени во Србија се искачи на 1.624 лица.

Досега вкупно се хоспитализирани 1.046 пациенти, од кои 89 лица се водат како тешки случаи и ставени се на респиратор, кажа Стевановиќ.

Бројот на тестирани лица во Србија заклучно со денеска изнесува 6.401.

Пациентите кои се со полесни симптоми на заразата се сместени во карантин на Белградскиот саем, кои за денеска најавија штрајк со глад доколку повторно не бидат тестирани, па на барање на омбудсманот денеска се тестирани.

-Сите 69 лица кои се на Белградскиот саем, се тестирани и 38 пациенти беа негативни на тестот и тие доколку и на повторениот тест бидат негативни, ќе бидат пуштени дома, изјави на прес конференцијата началникот на Инфективната клиника во Белград, д-р Горан Стевановиќ.

Тој оцени дека Србија се уште ја држи заразата под контрола, апелирајќи до граѓаните да се придржуваат на вонредните мерки, без кои бројките би биле за десет пати поголеми.

На прес конференцијата граѓаните беа потсетени на новите мерки за забрана за движење за денеска (40 часовен полициски час), која почна во 13 часот и ќе трае до 05 часот во понеделник.

Вчера како што изјави премиерката Ана Брнабиќ, Србија навлезе во „најтешката фаза во справувањето со епидемијата“ и доколку епидемијата продолжи да се шири со засилено темпо, ќе бидат воведени „најстроги рестриктивни мерки.“

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.