Во Србија над 6.900 заразени и 57 починати од коронавирусот

Во Србија во последните 24 часа починале 57 лица како последица од компликациите предизвикани од Covid-19, а од 18.232 тестирани примероци позитивни на новиот коронавирусот биле 6.903, со тоа што и натаму најмногу од новите коронаинфекции има во Белград – 1.806 во периодот од петокот до саботата во 15 часот, според податоците кои ги објавија во саботата попладнето српските здравствени власти.

Зголемен е бројот на хоспитализираните пациенти на 7.988 во споредба со 7.841 во петокот, а повеќе пациенти има и на респиратори – 279, додека во петокот имаше 270.

Според бројот на новите коронаинфекции, со четирипати помалку нови случаи втор е Нови Сад – или 454, а следат Крагуевац со 271 и Ниш со 221 новозаразен во изминатите 24 часа.

Досега во Србија од почетокот на епидемијата во март регистрирани се 213.843 лица заразени со коронавирусот, а потврдени се 1.891 смртен случај, со стапка на смртноста од 0,88 отсто.

Од почетокот на епидемијата во Србија на коронавирусот биле тестирани 1.885.460 примероци.

Од овој викенд во Србија на сила се новите епидемиолошки мерки, со коишто од петокот во 17 часот до понеделникот во 5 часот наутро, е дозволена работата само за продавниците со прехранбени продукти, аптеките и бензиските црпки но исклучиво за рочењето горива. Во другите денови работното време на угостителските објекти и трговските центри е скусено, исто така, до 17 часот.