Во Србија намален изборниот праг од 5 на 3 отсто

Српскиот парламент ги усвои во саботата измените на изборниот законик, со кои изборниот праг од 5 е намален на 3 отсто, со исклучок на партиите на националните малцинства за кои не е потребно да освојат три отсто под гласовите за добивање пратенички мандати.

Измените во Законот за избори на пратениците и Законот за локални избори ги побара пратеничката група на владејачката коалиција по неодамнешниот предлог на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Измените предвидуваат дека за партиите на националните малцинства не е потребно да освојат три отсто од гласовите за да им бидат доделен мандати, при што при распределбата на мандатите со примена на принципот на најголемиот количник, количниците на изборните листи на партиите на малцинствата се зголемуваат за 35 отсто.

Изборната листа на партија или коалиција на партии на националните малцинства ја прогласува Републичката изборна комисија (РИК), која може да побара мислење од надлежниот национален совет за тоа дали подносителите на изборната листа е партија на национално малцинство или на коалиција од партии на националните малцинства.

Покрај овие измени, прифатен е и предлогот на пратеничката од опозициската Демократска партија (ДС), Гордана Чомиќ, на изборните листа да мора да има најмалку 40 отсто жени.

За измените на законот гласаа 157 пратеници, а ќе стапи на сила во рок покус од вообичаените осум дена од денот на објавувањето во Службениот весник на Србија.

Предлогот за намалување на изборниот цензус предизвика последните денови бројни полемики, имајќи предвид дека значителен дел од опозициските партии, кои се во коалицијата Сојуз за Србија, се определи за бојкотирање на изборите, затоа што според нив не постоеле услови за чесен изборен процес, обвинувајќи ја власта дека не дозволува пристап на опозицијата во водечките електронски и печатаени медиуми, вклучително и јавниот сервис Радио-телевизија на Србија (РТС).

Додека владејачката коалиција тврди дека намалувањето на изборниот праг е на штета на водечката Српска напредна партија (СНС) на Вучиќ, но дека ќе придонесе за поголема демократизација на општеството, опозицијата предупредува дека станува збор за „маневар“ на власта која сака да направи „сопствена опозиција“ и да им овозможи на партиите од крајната десница да освојат мандати.

Претставниците на Европскиот парламент последните месеци се обидоа да посредуваат меѓу власта и опозицијата за изборните услови, но само делумно упсеаја во тоа, бидејќи Сојузот за Србија истана упорен да ги бојкотира изборите. Европскиот комесар за соседска политика и проширување, Оливер Вархелји, оваа седмица во текот на неговата прва посета на Белград од стапувањето на должноста, ја повика опозицијата да се откаже од бојкотот.

Локалните и парламентарни избори во Србија ќе се одржат кон крајот на април годинава.